Александра Белчуровска е родена во Струга, каде што го завршила основното и средното образование. Неуморната желба за истражување ја одвело на студии на Филозофскиот факултет во Скопје, каде, во 2012 година, дипломирала на Институтот за историја на уметноста и археологија, на насоката Историја на уметноста, а во 2022 година магистрирала на насоката Археологија.
Постојаната потреба за разбирање и демистификација на минатото, за патување низ времето – за дијалог со тишината на минатото и со трагите што ни ги оставиле нашите предци, било причина подолго време да се задржи на археолошките локалитети, како „Плаошник“ и „Скопско Кале“.
Повеќе години се бави и со изработка на накит од сребро во техника филигран, плод на долгогодишната страст и вљубеност во древниот накит, кои ги претворила во проучување на неисцрпните извори на симболи и форми, кои и денес можат да зборуваат со моќен и автентичен јазик. Во изработката на накитот се стреми кон градење мостови помеѓу древното и современото, помеѓу традицијата и личниот израз, и кон преплетување на археологијата, уметноста и занаетот, затоа што верува дека убавината на традицијата треба да биде живо сведоштво на културата, и личен печат на секој што го носи.
Работела на проекти и од областа на туризмот, а љубовта кон пишаниот збор ја одвела и во областа на книжевниот превод, каде стекнала речиси десетгодишно искуство.
Нејзиниот главен професионален интерес е насочен кон одгатнување на тајните на средновековната уметност, тивкиот сведок на духовните и културните хоризонти на средновековниот период, и разбирање на духовниот, културниот и симболичкиот свет што го обликувал визуелниот израз на тоа време.