За нас - Што е ПАНЕПИСТИМИО?

Научно-истражувачкиот и културно-едукативен центар ПАНЕПИСТИМИО е плод на долгогодишниот труд, визија и ангажман на неговите основачи. Панепистимио е сотворение на онтички топос како интенционалност кон облик, како движење кон логосот што ја осуштествува самата суштина, како естетичка телеологија на самата стварност. Панепистимио претставува институт за независно научно истражување, отворена платформа за слободна интелектуална размена и култура на расправа за одвојување на суштинското од несуштинското, лабораторија на идеи, дух и знаење што стреми да надмине секакви институционални ограничувања.

Грчкиот збор πανεπιστήμιο подразбира сеучилиште, школа во нејзиното изворно значење, слободно време за средба на личности во потрага по сопствениот образ. Панепистимио е собрание на академски дисциплини, обединувачко враќање кон свештената целовитост на науката, уметноста и образованието во актуелниот контекст на дигиталност и современа медијалност. Иднината е неизвесно откривање на вистината преку парадоксалното спојување на древното и актуелното, култното и модерното, а Панепистимио премостува и литургизира; древните и класични извори на македонската културолошка свест ги временува, обликувајќи динамичен палимпсест на напластеното и искрснувачкото, ги варди сите јазици и родови од вековите на вековите, најдоброто од нашата традиција, и трага по бесконечен модус на нашата нова уметност и мисла.

За нас не постои инаков придонес кон културниот и академскиот развој во Македонија.