Оддел за историја на уметноста
Уште од раните зори на цивилизацијата, уметноста ја има моќта да ја преобразува реалноста и да ја претвора во симболичен јазик, преку кој човекот го согледува сопственото постоење. Уметноста е јазикот на духот, движечката сила која создава смисла и убавина, која гради мостови меѓу луѓето и времињата и ја чува меморијата на културата. Преку својот израз, уметноста го ослободува човечкиот дух, ја поттикнува креативноста, и нè повикува кон преобразба и катарза. Мисијата на уметноста е да нè поврзе со вистината, а нејзината цел е да биде огледало и светлина на човековото постоење.
ПАНЕПИСТИМИО е насочен кон проучување, анализирање и интерпретација на уметничкото творештво низ историјата, со посебен акцент на средновековната сакрална уметност, која постои вон времето и просторот, која е нераскинливо слеана со литургијата, вдахновена од Словото и богословската мистика. Теологија на Вистината, растопена во боја и проткаена со личниот сликарски дуктус на вештиот зограф.
Во ПАНЕПИСТИМИО е опфатен широк спектар на научно-истражувачки активности во областа на визуелните уметности и културното наследство, со акцент на научните истражувања поврзани со уметничките стилови, иконографијата, материјалната култура и визуелната комуникација во различни историски периоди.
Одделот е место каде што истражувањето станува дијалог меѓу дисциплините, каде што секоја анализа на уметничкото дело е и чин на толкување, и чин на зачувување. Тој постои за да ја поттикнува љубопитноста и инспирацијата и за да ја потврди уметноста како суштински дел од човековото постоење.
Оттука, ПАНЕПИСТИМИО има цел да даде свој придонес кон валоризацијата на културното наследство, како и негова афирмација кај пошироката јавност. За таа цел, се потенцира и соработката со музеи, галерии, институции за заштита на културното наследство, како и со академски партнери од земјава и странство, со цел размена на знаења, искуства и истражувачки методологии.