Ристо Солунчев е редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Институтот по философија и ги предава предметите Модерна и Современа философија. Учел македонска традиционална музика кај реномираните Пеце Атанасовски, Миле Брзанов, Благоја Десковски, Никола Цветковски, Вања Лазарова и музикологот Душко Димитровски.
Од 1990 г. до денес учествувал како автор во бројни музички албуми и концерти во повеќе музички жанрови, од хип-хоп, традиционална музика до експериментален поп и електроника. Соосновач е на хип-хоп бендот Чиста околина во 1991 година.
Во 1997 г. со ученици на Пеце Атанасовски го формира и е раководител на Оркестар Пеце Атанасовски како ансамбл за традиционална македонска музика. Со Душко Димитровски го формира бендот Нав во 2001 година. Во 2006 г. го основа и е диригент (хорархос) на Византискиот хор Хармосини.
Во 2021 година дипломира Византиска музика на Конзерваториумот „Симон Карас“ во Атина, Грција, во класата на презвитер, протопсалт и музикоучителот Игор Јован Зиројевиќ, и се стекнува со звањето протопсалт и музикоучител по византиска музика. Во 2022 година, со благослов на Архиепископот Охридски и Македонски Стефан, ја формира Школата за црковна музика на Скопската епархија во Скопје во организација на центарот Панепистимио како петгодишни студии, по образец на реномираните светски конзерваториуми за византиска црковна музика.